Куманово и ФМП со меѓусебна пресметка денес стартуваат во БИБЛ

По домашните, три наши екипи од вечерва стартуваат со уште еден предизвик-балканскиот. Со натпреварот во Куманово, каде гостува екипата на Навико ФМП Академија, и официјално стартуваат и возбудувањата во БИБЛ лигата за нашите претставници.

Куманово 2009 и Навико ФМП Академија се дел од групата А во ова регионално натпреварување, која ќе брои пет наместо планираните шест екипи (екипата на Пеја беше дисквалификувана поради неподмирување на финансиските обврски). Друштво на нашите екипи ќе им прават уште и екипите на Хапоел Галил Елион од Израел, Балкан Ботевград и Левски Софија од Бугарија. Во групата Б пак ќе играат кошаркарите на ТФТ од Скопје, а за противници ги имаат Сигал Приштина, Ирони Нахарија од Израел, Академик Пловдив и Берое од Стара Загора, од Бугарија, како и Ибар Рожаје од Црна Гора. Инаку веќе се одиграа два натпревари од новата сезона во ова балканско натпреварување.

Одличен почеток имаше Лејсон Зекири како играч на Сигал Приштина. Потенцијалниот македонски сениски репрезентативец беше едне од најдобрите во тимот, кој за жал го загуби дуелот со Академик Пловдив (85-94). Високото крило реализираше 21 поен (3/4 за три, 4/8 за два, и 4/5 за еден поен), имаше и осум скока, две асистенции, три загубени и една освоена топка за 38 минути во игра.

На вториот меч, каде во улога на арбитар беше и нашиот Александар Павлов, Хапоел Галил Елион беше подобар од бугарскиот Балкан (56-45).