Куманово победи кај Фени и остана во игра за шестото место

Екипата на Куманово му врати на Фени Индустри за домашниот пораз во декември и славеше на денешното гостување во Кавадарци (82-88) во рамки од 20. коло.

Кошаркарите на гостинската екипа започнаа фуриозно и остварија висока позитива по првите десет минути. На тоа следуваше одговор од кавадарчани кои се вратија во игра и ја преполовија предноста на противникот пред паузата.

Вториот дел одново донесе подобра игра на избраниците на Александар Петровиќ за нова двоцифрена разлика во пресрет на четвртата четвртина. Фени започна одлично и притисна во потрага по пресврт, но наиде на одлично подготвен ривал кој успеа да ја задржи концентрацијата и да стигне до деветтата сезонска победа.

Најзаслужен за победа на Куманово беше Адем Мекиќ со 20 поени. Кај домаќинот се истакна Кенет Фундербург со 22 поени зад своето име. Со оваа победа, Куманово остана во игра за шестото место, последното кое води во Суперлигата, но битката за истото до крајот ќе биде пеколна.