Куманово го одреди плеј-офот: „Вечните“ ривали може да се сретнат само во полуфиналето

Победата на Куманово во Скопје против МЗТ Скопје во еден од последните заостанати натпревари од регуларниот дел на шампионатот на Македонија во кошарка, нуди различни перспективи пред разигрувањето во шампионатот и Купот. Имено, МЗТ Скопје загуби многу повеќе од еден бод и не може да биде подобро пласиран од третото место.

Звучи парадоксално, но денес за „штрковите“ навиваа и фановите на најлутиот ривал Работнички. Пред најтрофејниот клуб е сега претешка мисија за освојување на првото место пред плеј-офот. Имено, ако Работнички сака да биде најдобар пред плеј-офот, ќе мора утре во Битола да го победи Пелистер со 25 разлика. Само во тој случај екипата на Мираковски ќе биде првопласирана, а во спротивно ќе заврши на второто место. Значи индиректно, победата на Куманово со насмевки ја дочекаа и пелистерци, кои ако не загубат катастрофално од Работнички, во плеј-офот ќе влезат како број еден.

Уште поинтересни се комбинациите подоцна во разигрувањето кои велат дека со Работнички и МЗТ Скопје на второто и третото место, двата големи ривали не може да играат во финалето на плеј-офот, бидејќи костурот на натпреварување ќе им донесе меѓусебен дуел во полуфиналето, ако ги победат своите ривали во четвртфиналето. Иста судбина ги чека и во завршницата на Купот, која е закажана за следниот викенд.

Но, сите математики ќе паднат во вода утревечер кога ќе се одиграат натпреварите Гостивар - ТФТ Скопје и Пелистер - Работнички.