Куманово го изненади лидерот во БИБЛ и убедливо слави кај Академик Бултекс

Кошаркарите на Куманово приредија сензација и го совладаа лидерот во БИБЛ лигата, Академик Бултекс среде Бугарија со 79-96. За македонскиот претставник ова беше трета победа, додека за ривалот само втор пораз покрај шесте победи. Кумановци го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар и заслужено победија. 

Уште на стартот Куманово отвори добро, реализираше напади и успеваше да одбрани неколку, ама предноста беше минимална по првиот период. Сличниот исход и тек на мечот беше и до полувремето, кога Академик не успеваше да се врати, но константно беше во игра и имаше мала негатива.

Третата четвртина започна одлично за македонскиот тим, па тогаш беше направен клучниот исчекор кон триумфот. Предноста одеднаш порасна и стана двоцифрена, а Куманово го користеше шокот во кој се најдоа противничките кошаркари. Бултекс се одржуваше близу до едноцифрената разлика, ама не успеваше да ја пробие и да се врати. Куманово успеа да ја одржи позитивата до крајот и заслужено да го комплетира изненадувањето на гостувањето во Бугарија. 

Кори Рејли-Рос со 21 поен гоп редводеше македонскиот претставник во Балканската лига. Александар Андрејевиќ оствари „дабл-дабл“ ефект од 14 поени и 12 скока, а Горјан Марковски и Ненад Зивчевиќ запишаа по 12 поени.