Куманово го доби Мекиќ, но доживеа потоп од Рилски

Екипата на Куманово го доживеа третиот неуспех во низа во БИБЛ-лигата откако во својот дом убедливо загуби од Рилски Спортист од Бугарија (80-96).

Големиот број на загубени топки и непрекинати грешки беа причина за дебаклот на македонскиот тим, кој во ротацијата за овој меч го имаше новото засилување Мекиќ, кошаркар кој не помогна премногу. Во наредното коло Куманово игра „македонско дерби“ со Блокотехна, која е перфектна оваа сезона.

Куманово тргна рамо до рамо со противникот. На минута и пол пред крајот на првата четвртина на семафорот стоеше 14-18 за гостите, меѓутоа, Куманово загуби четири топки во низа, а тоа бугарскиот тим го казни со серија од 0-10, за по десет минути игра да има огромна предност (14-28).

Во вториот период Куманово се врати и го доби со 29-19, за негатива од четири поени на паузата (43-47), но следеше дебакл во третите десет минути од мечот. Рилски во последниот период влезе со предност од дваесет поени (58-78), поради непрекинатите грешки на домашните, како и промашените отворени шутеви на Караколев и Караџовски, но и Мекиќ, кој имаше деби за заборав во новата средина и имаше шут 0/5.

Последните десет минути од мечот беа само рутина за гостинот од Бугарија и потврда на уште една БИБЛ-победа, четврта во новата сезона. Најдобар поентер кај Рилски беше Тејлор со 20 поени, а Џетер постигна 17, додека кај кумановчани, Јанески запиша 19 поени, а Караџовски уфрли уште 18 поени. Новото засилување Мекиќ даде само два поени, од шут за два, и заврши со резлиација 1/6 од игра.