Куманово далеку од титулата во БИБЛ - Берое убедлив на домашен терен

Кошаркарите на Куманово се далеку од шампионската титула во БИБЛ со оглед на високиот пораз од тимот на Берое, кој славеше со резултат од 84-55. Лошата игра во првото полувреме во Стара Загора, составот на Куманово го чинеше доста висока негатива во пресрет на реванш дуелот, идниот вторник во нашата држава.

Сепак, со домашниот терен и жестока поддршка од трибините, кумановчани може да се надеваат на некое чудо, со кое би дошле до историската прва титула во оваа регионална лига.

Берое тргна моќно во мечот, па воведната четвртина ја доби со резултат од 20-12. Кумановчани продолжија со лошата игра и во втората половина од првото полувреме, па домашните кошаркари беа уште поубедливи и го добија овој дел од играта со 26-13. Берое така на паузата замина со висока позитива од +21 (46-25).

Избраниците на Србиновски во третата четвртина конечно ги консолидираа редовите и заиграа сериозно, но освен тоа што на неколку наврати спуштија под 20 разлика, не направија ништо повеќе. Берое дополнително за еден поен ја зголеми предноста во пресрет на завршните десет минути (62-40). Во последната четвртина Берое комплетно го надигра нашиот состав, за катастрофален пораз на крај од 29 поени разлика (84-55)

Димитар Караџовски со 14 поени беше најефикасен во Куманово, во чии редови еден поен помалку, 13 даде Живановиќ. Во победничкиот табор на Берое најефикасен со 25 поени беше Гибсон, додека „дабл-дабл“ од 12 поени и 12 скока оствари Џонс.