• Зоран Мишевски

Кошаркарите на Куманово вечерва ќе се борат за трофејот против МЗТ Скопје Аеродром во финалето од Суперкупот на Македонија. Максим Митевски беше еден од стандардните играчи во составот на МКК Куманово во минатата сезона, а и во новата се очекува да има значајна улога.
Кумановчани имаа добар подготвителен период и со големи очекувања го пречекуваат првиот официјален натпревар во сезоната.
„Очекувам натпревар со висок интензитет, каде деталите ќе го одлучат крајниот исход. Имавме добар подготвителен период и со максимален пристап и дисциплина сакаме да влеземе во овој натпревар. Нашата публика секогаш приредува одлична атмосфера за играње, а освојувањето на овој трофеј ќе биде од огромно значење за сите нас“, вели Митевски.
МКК Куманово за првпат ќе се бори за престижниот трофеј. Домашниот терен, поддршката од публиката и желбата за историски успех ќе бидат дополнителен мотив за кумановскиот состав.
Куманово ја има можноста новата сезона да ја започне со трофеј, но за тоа ќе мора да го совлада најуспешниот тим во историјата на Суперкупот.

