Кукоч: Би имал „трипл-дабл“ на секој меч во денешната НБА

Еден од најдобрите европски кошаркари во историјата, Тони Кукоч, со Чикаго Булс освои три шампионски титули во НБА и еднаш беше прогласен за најдобар шести играч на лигата. Денес работи како советник на претседателот и амбасадор на клубот, а во интервју за „Спортклуб“ зборуваше за разликите меѓу неговата ера и современата НБА.

За денешниот стил на игра, Кукоч посочи дека модерната кошарка е драстично поофанзивна и ориентирана кон шутот за три поени.

„Повеќето шутеви на тие натпревари се за три поени. Се сеќавам, токму тоа го коментиравме. Булс во наше време, кога доминиравме, имаа во просек 16 тројки. Значи целата екипа шутираше 16 тројки по натпревар, а сега некои тимови шутираат и 45-50 тројки. Нормално е тогаш резултатите да бидат 260-280, некогаш и 300 поени вкупно на двете екипи. Не знам колку е тоа добро, не знам колку навивачите сакаат да го гледаат тоа.“

Како би се вклопил денес? Со оглед на тоа што беше висок 211 сантиметри и можеше да игра на повеќе позиции, Кукоч смета дека би се снаоѓал одлично и во модерната НБА:

„Со оглед на моите кошаркарски квалитети и можноста да играм на повеќе позиции, мислам дека немаше да имам поголеми проблеми да бидам блиску до трипл-дабл на секој натпревар.“

Колку поени би постигнувал Мајкл Џордан денес? Говорејќи за легендарниот Мајкл Џордан, Кукоч истакна:

„Мајкл Џордан денес би шутирал 20-25 слободни фрлања по натпревар, бидејќи според сегашните правила, кога ќе ставиш рака на напаѓачот, веднаш се суди фаул. А никој, ни тогаш, не можеше да го запре. Мислам дека без проблем би имал просек од околу 45 поени во оваа НБА. Тоа не го велам само јас затоа што играв со него, го велат и старите и новите играчи.“

Кукоч додаде дека и кошаркари како Кевин Гарнет признавале дека Џордан бил нешто поразлично, играч што би можел да доминира во која било ера, особено во денешната, каде што играта е претежно офанзивно ориентирана. Кој му е најблиску по менталитет? На прашањето кој денес најмногу му се приближува на Џордан по менталитет и лидерство, Кукоч издвои неколку имиња:

„Има играчи. На пример, Јанис Адетокумбо е еден од нив со начинот на тренинг, размислување и лидерство. Шеј Гилџес-Александер е исто таков играч. Се гледа колкава е разликата кога тој не игра.“

Сепак, Кукоч нагласи дека Џордан бил посебна категорија:

„Зборувам за Мајкл како пример што го гледав секој ден на тренинг. Не пропушти ниту еден тренинг, а камоли натпревар. На секој тренинг доаѓаше со 100% и од глава и од тело, да научи нешто ново и да ги турка соиграчите да бидат подобри. Понекогаш тоа не беше убаво за слушање, но беше ефикасно. Кога ќе освоиш три титули, брзо забораваш што ти рекол во текот на сезоната.“

Кукоч има 57 години, а кариерата ја заврши во 2006 година како член на Милвоки Бакс.