Крстевски: Шпанија ја стегна одбраната и нè принуди на грешки

Бојан Крстевски беше еден од поискусните кошаркари во ростерот на Македонија во квалификацискиот меч против Шпанија во кој се доживеа висок пораз (80-44). По мечот, крилниот центар кажа дека пресудила втората четвртина во која Македонија даде само шест поени.

„Најпрво, сакам да ѝ честитам на Шпанија за победата. Го почнавме мечот добро и во првиот квартал имавме добри моменти. Во вториот дел Шпанија ја стегна одбраната, даваше лесни поени од контри и нè принуди на грешки. Тука тие ја направија разликата. Се работи, сепак, за поискусен тим, со поголема ротација. Како што кажа и тренерот имавме добри моменти кои мора да ги надополниме ако сакаме да бидеме подобри и мора да ги отстраниме грешките“, изјави Крстевски по мечот.

Македонија сè уште нема победа во втората фаза од мундијалските квалификации. Шанса за такво нешто ќе биде последниот натпревар против Украина, закажан во Скопје.