• Горан Упале

Македонскиот кошаркарски вицешампион Пелистер вечерва го игра последниот настап во АБА2 лигата. Во Битола гостува екипата на Подгорица која исто така е без шанси за понатамошен пласман, но секако дека двете екипи посакуваат сезоната во регионалното натпреварување да ја завршат со победа.
Дамјан Крстевски рече дека овој дуел ќе им послужи како добар тест пред дербито во домашниот шампионат против ТФТ Скопје.
„Без разлика што натпреварот нема резултатско значење, ние сме мотивирани да се покажеме во вистинско светло. Очекувам поддршка, ќе играме пред нашите навивачи и сакаме да победиме. Овој дуел треба да послужи и како добар тест пред дербито во домашното првенство против ТФТ Скопје“, рече Крстевски.
Натпреварот во Битола меѓу Пелистер и Подгорица започнува од 20:00 часот.