Крстевски: Моите девојки во иднина ќе играат само подобро

Екипата на Баскет Кам 2011 го одбрани трофејот од Суперкупот „Драган Василов - Цевка“ освоен минатата календарска година откако во овогодишното издание го совлада составот на МЗТ Скопје Аеродром со 74-54.

Шефот на стручниот штаб на клубот од скопски Аеродром, Горан Крстевски, е задоволен од играта на своите избранички, но не е изненаден од доминацијата на екипата од противничкиот табор. Тој верува во своите девојки за кои вели дека претстои успешна иднина во кошарката.

„Честитки за Баскет Кам за освоениот Суперкуп, заслужено дојдоа до пехарот. За нас ова беше прв натпревар се плашев да видам како ќе изгледаме после само единаесет тренинзи. Презадоволен сум. Знам дека Баскет Кам не играше со сто посто и не смее да не залажува нивната игра, но за мене - влеговме без респект, без страв и знам дека во овие девојки има квалитет и дека во иднина можат да играат само подобро, а не послабо. Ова беше натпревар кој влева верба во девојките во македонската кошарка. Порака до сите колеги од македонската кошарка да веруваат во домашните играчи и да им дадеме шанса“, истакна Крстевски.

Поправен испит младите кошаркарки од Аеродром ќе имаат во шампионатот, каде најмалку уште двапати ќе се сретнат со Баскет Кам 2011, а веројатно ќе имаат дуели и во разигрувањето напролет.