Крстевски: Мора да ги заборавиме старите успеси, сакаме да бидеме први

Бојан Крстевски е еден од репрезентативците кои играа против Швајцарија и Словачка, нашите ново-стари ривали, претходно во претквалификациите за ЕП 2021, сега во оние за СП 2023. Високиот кошаркар ги кажа очекувањата по ждрепката и е оптимист дека можеме исто да поминеме и во овој циклус и да завршиме на првата позиција на табелата во групата „Ф“.

„Швајцарија и Словачка ни се добро познати противници. Игравме со нив во еден циклус и остваривме три победи и еден пораз и го освоивме првото место. Очекувам да ги повториме тие резултати и повторно да завршиме како првопласирани што воопшто не значи дека ќе биде лесно. Швајцарија може да биде многу незгодна, ја изненади Србија во претходните квалификации. Исто така Словачка има искусни и квалитетни играчи. И затоа не можеме да спиеме на тоа уво дека ќе успееме само поради добрите резултати во поранешните дуели. Голем хендикеп за нас ќе биде отсуството на капитенот Војдан Стојановски. Но имаме многу млади кошаркари кои сигурен сум дека ќе ја искористат шансата и ќе се истакнат во овие претквалификации“, вели Крстевски.

Натпреварите од претквалификациите за СП 2023 се играат во месец август, а сите ќе бидат прв предизвик за новиот селектор Драган Бајиќ, кој, на клупата го наследи Александар Тодоров.