• Горан Упале
Финансиските проблеми продолжуваат да го тресат кошаркарскиот клуб Монако. Откако остана без место во Евролигата и се раздели со најголемите ѕвезди, францускиот клуб доби уште еден тежок удар.
Жалбеното тело на Француската кошаркарска федерација (ФФББ) ја потврди одлуката со која на Монако му е одбиено учеството во елитната француска лига за сезоната 2026/27.
Од клубот веднаш реагираа со официјално соопштение, во кое најавија дека ќе поднесат жалба до Францускиот национален олимписки и спортски комитет со надеж дека ќе добијат дозвола за настап во домашниот шампионат.
„Монако искрено им се заблагодарува на институциите на Кнежевството и на сите кои продолжуваат да го поддржуваат процесот на реструктуирање на клубот и исполнувањето на регулаторните барања поставени од ФФББ и ЛНБ“, се наведува во соопштението.
Поради финансиската криза, Монако веќе беше исфрлен од Евролигата, а неизвесен е и неговиот настап во Еврокупот. Судбината на клубот ќе зависи од исходот на најавената жалба, додека иднината на еден од најсилните француски кошаркарски колективи останува под голем знак прашалник.
