Кризата во АБА продолжува, нема да се одигра ниту второто коло?

АБА лигата се соочува со сериозен проблем уште на самиот старт на новата сезона, а неизвесно е дали воопшто ќе се одигра и второто коло. По одложувањето на првата рунда, преговорите меѓу раководството на натпреварувањето и судиите повторно завршија без договор.

Според информациите, повеќечасовните разговори не донеле решение, а сите 63 судии кои во претходните сезони биле ангажирани во лигата ја одбиле последната понуда од челниците на натпреварувањето.

Раководството на лигата се обидело да ги зголеми судиските хонорари, но понудата не била прифатлива за арбитрите. Од друга страна, идејата за ангажирање комплетно нов состав на судии во толку краток период се покажала како исклучително тешко изводлива.

Главното несогласување е околу висината на надоместокот. Судиската страна, според регионалните медиуми, бара 800 евра по натпревар, додека понудата од АБА-лигата изнесува 630 евра. Како можна средина се споменува сума од околу 700 евра, но засега нема договор.

Проблемот е дополнително усложнет и поради фактот што АБА-лигата оваа сезона е проширена на 20 екипи, што значи поголем број натпревари и потреба од доволен број искусни арбитри. Во такви услови, брзото обезбедување нов судиски кадар би било особено комплицирано.

Доколку не се постигне договор во следните денови и биде одложено и второто коло, натпреварувањето би можело да се најде во уште посериозна организациска, но и финансиска неизвесност. Сепак, сè уште постои надеж дека двете страни ќе најдат заеднички јазик и дека втората рунда ќе се одигра според планираното.