Кризата оставена настрана, Работнички херојски го совлада Еуро Никел среде Кавадарци

Екипата на Работнички, и покрај кризата и најавата за штрајк, одигра фантастичен натпревар против Еуро Никел 2005 на гости и ја продолжи победничката серија во домашниот шампионат. Во салата „Јасмин“ најтрофејниот извојува триумф од 91-92 и со тоа е непоразен веќе седум натпревари во Првата македонска лига.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еуро Никел 2005 и Работнички:

Домашните кошаркари беа за нијанса порасположени во ефикасната прва четвртина, во која беа постигнати дури 52 поени. Кавадарчани се изборија за предност од четири поени (28-24), а во вториот квартал се водеше голема битка и центарци успеаја да намалат на само два поени негатива (49-47). Во овој период Меквин со 16 поени беше одличен во дресот на домашниот тим, додека кај Работнички најпрецизен беше Трис со 14 поени. 

Израмнето беше и по паузата. Еуро Никел 2005 подобро го отвори второто полувреме и поведе со шест поени разлика, но Работнички идентично одговори и ја врати минималната негатива од само еден кош. На изненадување на фановите на трибините, домашните кошаркари во грч го отворија последните десет минути и најтрофејниот одлично го искористи тоа и по подолго време го презеде водството. Во одреден период Работнички имаше и плус седум, но на крај славеше со минимални 91-92.

Трис со 27 и Декоски со 21 поен беа предводници на Работнички во оваа победа, а за поразениот тим Меквин постигна 29 поени.