Крива Паланка премиерно или баделки по седми пат ќе се радуваат на титулата?

Крива Паланка за првпат, или пак Бадел 1862 по седми пат во својата историја, ќе биде шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција? Одговор на ова прашање ќе даде финалната серија на плеј-офот, која стартува евечерва во салата „Бранители 2011“ во Крива Паланка.

Екипата на Крива Паланка ќе ја има предноста на домашниот терен во финалето кое ќе се игра според системот „подобар во пет натпревари“. Односно нов шампион на Македонија ќе биде екипата која ќе дојде прва до три победи во серијата од финалето. Во оној регуларен дел од сезоната, предизвикувачот, екипата на Бадел 1862 успеа само еднаш да го победи составот од Крива Паланка. Пред својата публика, „баделки“ славеа со резултат 66-52. Но сето друго е на страна на кошаркарките од Крива Паланка.

Во првиот меѓусебен дуел славеа со резултат 64-58, а беа многу подобри и во мечот од втората фаза, „оролоџото“, дојдоа до уште поубедлив триумф (81-59). Извесно, и таа победа придонесе девојките од Крива Паланка да ја потврдат и првата стартна позиција која носи и голема предност во финалето.

Крива Паланка беше многу подобра од екипата на Бадел 1862 и во натпреварот од полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ одигран во Македонска Каменица (81-45), што е најава дека Крива Паланка може да го понесе и епитетот на фаворит во финалната серија.

Но, тоа е веќе само едно минато, на ред се вистинските возбудувања кои со себе ги носат мечевите преку кои ќе биде познат и новиот шампион во женска сениорска конкуренција за натпреварувачката сезона 2025/26.