• Зоран Мишевски

Овој викенд се игра второто коло од женскиот кошаркарски шампионат на Македонија, а во најинтересниот натпревар Баскет кам го дочекува Бадел 1862. Овој викенд на ред се натпреварите од второто коло, а поради обврските кои ги имаат со настапите во ВАБА 2 лигата, кошаркарките на Крива паланка својот меч од ова коло, оној против екипата на МЗТ Бела вода ќе го одиграат на 29. октомври.
Наместо во нашиот шампионат, македонскиот вицешампион овој викенд ќе одигра уште два натпревари во женската регионална лига. Веќе утре, од 17:00 часот, им следува првиот од двата наатпревари, во рамките од третото коло од ова натпреварување ги чека дуелот со екипата на Рајфајзен Дач.
Двете екипи го дочекуваат овој меч со максимален ефект по двете одиграни кола во ВАБА 2 лигата. Избраничките на тренерот Виктор Петровски забележаа две победи на домашен терен, а истиот ефект го имаше и нивниот утрешен противник, во дуелите со двата словенечки претставници, екипите на Јежица (87-82) и Марибор (73-70).
„Овој викенд ни претстои вториот турнир од ВАБА 2 лигата. Играме против два исклучително квалитетни противници, како екипите на Брод на Сави, претендент за висок пласман во ова натпреварување, и Рајфајзен од Австрија. Одиме мотивирано, од моите играчи ќе барам максимална борбеност на овие натпревари. Очекуваме позитивен исход од ова гостување“, изјави Петровски пред патувањето за Хрватска,
Во домашното првенствоќе се одиграат нови три натпревари. Најинтересен ќе биде оној во недела од 14:00 часот, кој ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, во кој екипата на Баскет кам го дочекува Бадел 1862. Денес од 19:00.часот во Делчево ќе играат екипите на Патриот 2016 и ЖКК Вардар, а половина час подоцна, во Неготино следува соседскиот дуел во кој ќе играат екипите на Спорт тим и на Пробаскет од Кавадарци.