• Зоран Мишевски

Екипата на Крива Паланка поведе со 1-0 во финалната серија на плеј-офот која го дава новиот шампион во „Шпаркасе лајф“ Првата лига во женска конкуренција. Во премиерните 40 минути од серијата „подобар во пет натпревари“, на свој терен, беа далеку подобри од екипата на Бадел 1862 so 81-64, со што го направија и првиот чекор кон освојување на шампионскиот трофеј.
Со одлична логистика од Ниехуес која оствари „дабл-дабл“, од 17 поени и 10 скока, но и од капитенот Алексовска која, освен 15 поени, имаше и пет скока и две додавања. Свој придонес во овој триумф даде и Грин, со 11 поени (девет скока и седум асистенции).
Во екипата на Бадел 1862, Клири оствари двоен учинок од 19 поени и 12 скока, а со двоен ефект беше и ефектот на Петрушевска, 11 поени и 10 скока (плус и пет асистенции). Чолакоска го заврши овој натпревар со 15 поени (седум скока и три додавања), додека Фримен имаше 14 поени, дополнети со по седум скока и исто толку асистенции.