• Саше Љолес

Во дерби-натпреварот четвртото коло од Првата женска кошаркарска лига, убедлива победа забележа екипата на Крива Паланка, која прикажа одлично издание против непоразениот состав на Вардар и славеше со конечни 94-63.
Неверојатно ефикасна прва четвртина одиграа домашните кошаркарки во дуелот со еден од фаворитите за највисок пласман, и екипа која имаше максимален ефект по трите одиграни кола. За десет минути, избраничките на тренерот Виктор Петровски постигнаа дури 34 поени, а примија многу помалку – само 11. И тоа го одреди понатамошниот тек на средбата, на која како да постоеше само една екипа – онаа домашната.
До истекот на првото полиувреме, предноста на кошаркарките од Крива Паланка беше уште поголема, водеа со (55-26), но и по одморот немаа намера да сопрат, ја зголемија позитивата која по три одиграни периоди досегна и +32 поени (81-49).
Пул беше прв стрелец на средбата со 25 поени, а имаше и осум скокови зад своето име. Ново одлично издание имаше Груевска која дојде до ефект од 22 поени (четири скока и пет асистенции). Во екипата на Вардар, капитенот Тасевска забележа 14 поени, Трајковска имааше 12, а Митева имаше еден поен помалку.
По четири одиграни кола, двете екипи сега имаат учинок од три победи и еден пораз.
На останатите натпревари беа забележани уште неколку интересни резултати. Пробаскет го совлада тимот на МЗТ Бела Вода со убедливи 88-70, а Бадел 1862 го „распарчи“ Патриот 2016 со огромни 45-100, во меч каде во победничкиот табори дури пет кошаркарки забележаа двоцифрен учинок (Димковска, Стојковска,. Маркоска, Чолакоска и Малиновска).
Победа оствари и Баскет КАМ, кој славеше над Спорт Тим со 68-45, на тој начин преземајќи го врвот на табелата со вкупно осум освоени бодови.