Крис Пол е сонот на Лејкерси за новата сезона

Крис Пол

Крис Пол одново се поврзува со преселба во Лос Анџелес Лејкерс. Ако покојниот комесар Дејвид Стерн го спречи да го направи овој чекор во минатото, сега работите ќе зависат од самата екипа.

Новиот НБА шампион веќе размислува како да го засили ростерот во пресрет на новата сезона. Едно од најзвучните имиња кое се споменува како ново засилување е плејмејкерот на Оклахома Сити.

Се работи за еден од најдобрите организатори на игра на сите времиња, кој и натаму сонува да освои шампионски прстен. Доколку пристигне и заигра покрај Леброн Џејмс и Ентони Дејвис значително ќе ги зголеми шансите да си ја исполни желбата.

Меѓутоа има еден голем проблем за реализација на овој трансфер, а тоа се парите. Платата на Пол за наредните две сезони изнесува вртоглави 85,5 милиони долари. Договорот му носи 41,3 милион во следната сезона, а во годината која следува 44,2 милиони.

На Лејкерси ќе остане да направат промени во екипата и да се ослободат од играчи како Дени Грин, Ејвори Бредли, Кајл Кузма, Квин Кук, Џавел МекГи, Алекс Карузо..., како би се направило место и би се собрале финансии за приходите на ѕвезденото засилување.