„Кралски“ танц на Реал во дербито со Олимпијакос

Екипата на Реал Мадрид ја запиша третата победа по ред во Евролигата и на домашен терен со 94-78 славеше над грчкиот претставник и некогашниот европски првак Олимпијакос.

Реал Мадрид и Олимпијакос се надигруваа десет минути, а потоа следеше „кралскиот“ танц. Грчкиот тим беше рамо до рамо со домашните само во првата четвртина (25-23), а потоа Реал успеа да се одлепи на 54-44, висока позитива која ниту еднаш не ја испушти. 

Највисоката предност на мечот во Шпанија домашните ја имаа во четвртиот период, кога водеа со 19 поени разлика (91-72). Најдобар кај победникот беше Рендолф со 16 поени и 8 дефанзивни скока, а Кампацо и Ајон дадоа по 13 поени. Кај Олимпијакос, Ледај заврши со 15 поени.

Реал Мадрид е на второто место во Евролигата со скор 15-3, додека Олимпијакос се наоѓа на петтата позиција.