Кралска сила во Берлин: Реал Мадрид ќе ја брани европската круна

Актуелниот европски првак Реал Мадрид ќе ја брани титулата на Ф4-турнирот во Евролигата. Кралскиот клуб во репризата на ланското финале во рамки на полуфиналето беше подобар од Олимпијакос (87-76) и така договори меч за тронот со Панатинаикос.

Грчките „црвено-бели“ се распаднаа од почетокот и така беше во негатива цел натпревар. Реал Мадрид тргна фуриозно, го задржа ривалот на само десет поени со добра одбрана (28-10) и така беше полесно да се игра во продолжението од средбата во Берлин.

На полувремето Реал Мадрид имаше 56-37, а во продолжението од мечот Олимпијакос бркаше резултат и најблиску што дојде до ривалот беше девет поени негатива во последниот квартал од натпреварот.

Муса со 20 и Хезоња со 12 поени беа најдобри кај Реал Мадрид, додека кај Олимпијакос, Питерс даде 23 поени, а Мекисик заврши со 17 поени.

Финалето меѓу Реал Мадрид и Панатинаикос се игра во недела од 20:00 часот, а претходно Фенербахче и Олимпијакос ќе играат за третото место.