„Кралот“ пред Јокиќ во трката за МВП на кошаркарскиот турнир на ЛОИ

Во пресрет на полуфиналето на олимпискиот кошаркарски турнир, во кој ќе играат Србија против Соединетите Американски Држави и Франција против Германија, ФИБА ја објави листата на кандидати за МВП титулата, а на самиот врв е Леброн Џејмс, пред српскиот ас Никола Јокиќ.

Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс моментално има најмногу шанси да ја освои престижната награда, а веднаш зад него е трикратниот најкорисен играч (МВП) на НБА лигата – Јокиќ. Вечерва двајцата ќе водат голема битка за финале.

На третото место е капитенот на германската репрезентација Денис Шредер. Американецот Кевин Дурант е четврти, додека листата на петмината најдоброрангирани ја комплетира Франц Вагнер од Германија. На списокот е капитенот на „орлите“, Богдан Богдановиќ, кој го зазема шестото место, а тука се и Виктор Вембањама (Франција), Гершон Јабуселе (Франција), Ентони Дејвис (САД) и Даниел Таис (Германија).

За споредба, Леброн Џејмс бележи 13,8 поени, 5,8 скока и 7,8 асистенции по натпревар, додека Никола Јокиќ има просек од 19,3 поени, 11,8 скока и 7,5 асистенции.