• Иван Димовски

Леброн Џејмс има полни 39 години и договор кој истекува со Лос Анџелес Лејкерси. Постоеја најави дека „кралот“ би можел да замине од Калифорнија за нов, последен предизвик во кариерата.
Сепак, во последните денови се актуелизира приказната за нов договор на Џејмс со Лејкерси. Според најавите, ѕвездата би добил тригодишен договор со „езерџиите“. И покрај тоа што на 30 декември Леброн ќе влезе во петтата деценија од животот и ќе наполни 40 години, понудата е финансиски моќна.
За да го задржат во тимот Лејкерси се подготвени да му платат 162 милиони долари за три сезони. Во првата Џејмс би добил 50, во втората 54, а во третата дури 58 милиони долари. Тоа значи дека на 43-годишна возраст ќе добие вртоглава сума, секако доколку го доработи целиот договор со тимот.
Леброн Џејмс во Лејкерси дојде во 2018 година од Кливленд, а во 2020 беше шампион на НБА лигата. Минатата сезона, иако делуваше просечно, Леброн имаше во просек по 25,7 поени, 8,3 асистенции и 7,3 скока.