ВИДЕО: „Кралот“ испиша историја и го симна Мелоун од врвот, Далас немоќен во Лос Анџелес

Леброн Џејмс испиша нова страница во историјата на НБА, бидејќи со 41 година и 44 дена стана највозрасниот играч кој забележал „трипл-дабл“ учинок во најсилната лига на светот. Во победата над Далас Маверикс со 124-104, Џејмс запиша 28 поени, 12 асистенции и 10 скока.

Со тоа, тој го сруши рекордот што го држеше Карл Мелоун, кој постигна „трипл-дабл“ во дресот на Лејкерси на 40 години и 127 дена. Џејмс веќе постигна 14 поени во првата четвртина и навести доминантна вечер. До крајот на третиот период, тој имаше 22 поени и 12 асистенции, а десеттиот скок го запиша во самиот финиш од натпреварот, по што го напушти теренот со овации.

Оваа недела, Леброн ќе се појави во „Ол-стар“ натпреварот, по 22-ри пат во својата кариера. Тој го забележа последниот „трипл-дабл“ пред овој на 1 февруари 2025 година. Во редовите на Далас, Наџи Маршал и Макс Кристи постигнаа по 19 поени, но Маверикси го запишаа својот деветти пораз по ред, најдолгата низа порази во последните 28 сезони.

Најдобриот стрелец во лигата, Лука Дончиќ, не играше против својот поранешен клуб, пропуштајќи го четвртиот натпревар по ред за Лејкерси поради истегнување на грбот. 

Ноќва во НБА се одиграа уште два натпревари. Милвоки Бакс приреди изненадување и славеше на гости кај најдобриот овосезонски тим Оклахома со 93-110. Гостинска победа славеше и Портланд, кој во Солт Лејк Сити беше поуспешен од Јута Џез со 119-135.