ВИДЕО: „Кралевите“ се разбудија и со „стотка“ го почестија Баерн Минхен

Реал Мадрид по два порази во низа во Евролигата конечно заличи на себе и на домашен терен убедливо (100-82) славеше над германскиот бундеслигаш Баерн Минхен кој четири кола во низа не знаеше за пораз.

Избраниците на Тринкери немаа решение за разновидноста во тимот на Реал Мадрид и за расположениот напад во сите четири периода. „Кралевите“ дадоа над 20 поени во секоја четвртина, а главната разлика ја направија кога од 55-55, се одлепија на 70-60. Оттогаш водеа со двоцифрена позитива се до крајот.

Најрасположен кај победникот беше Керол со 19 поени, Томпкинс постигна 16, Љуљ заврши со 14, а Рендолф со 13 поени, додека кај Баерн Минхен, Балдвин имаше 18, а поддршка му беше Рејнолдс со 15 поени.

Шпанскиот тим со оваа победа во Евролигата направи напредок на табелата и сега има скор 2-4. Баерн Минхен, пак, го доживеа вториот неуспех, инаку прв во регуларен дел.