„Кралевите“ ја сопреа ЦСКА, големото грчко дерби за Олимпијакос

Екипата на Реал Мадрид одигра одлично второ полувреме и дојде до значајна победа во дерби-пресметката против ЦСКА Москва (71-65) во рамки на 17-тата рунда од кошаркарската Евролига.

Шпанскиот тим тргна одлично и натпреварот го отвори со серија од 11-0, ја држеше предноста се до третиот квартал, кога рускиот тим фати приклучок и за првпат поведе на мечот (45-47). Главната разлика „кралевите“ ја направија на отворањето на четвртиот период, кога направија серија од 9-0 и пак се одлепија двоцифрено (65-55). Оваа победа добива на тежина затоа што е извојувана без седум кошаркари и тренерот Пабло Ласо.

  • Реал Мадрид - ЦСКА Москва 71-65: 

Прво име кај „кралевите“ беше Вилијамс-Гос со 17 поени, пред Таварес кој имаше „дабл-дабл“ од 15 поени и 10 скока, додека кај ЦСКА одличен беше Клибурн со 16 поени и 13 скока, пред Милутинов со 13 поени и 10 скока.

  • Панатинаикос - Олимпијакос 65-84:

Грчката пресметка меѓу Панатинаикос и Олимпијакос заврши со триумф на гостите од Пиреја (65-84). Клучен на натпреварот беше последниот период во кој црвените го развалија ривалот со резултат 14-30. Најдобри стрелци кај победникот беа Дорси и Мекисик со по 18 поени, а кај ПАО, недоволен беше Недовиќ кој реализира 17 поени.

  • Баерн Минхен - Басконија 76-81:

Басконија го приреди изненадувањето на вечерта и славеше на гости кај Баерн Минхен (76-81). Одличен беше Болдвин со вкупно 30 поени кај шпанскиот претставник, Костељо му беше поддршка со 23 поени, додека кај „баварците“ најмногу се истакна Кеј-Си Риверс со 16 поени.

  • Зенит - Макаби 73-71:

Руски Зенит на домашен терен со поени во последниот напад со поените на Берон дојде до победа над Макаби Тел Авив (73-71). Залудна беше блескавата партија на Рејнолдс кај израелскиот првак со 24 поени и 11 скока, кај рускиот тим најдобар беше Појтрес со вкупно 14 постигнати поени.

Во последната пресметка на вечерта, АСВЕЛ на домашен терен славеше во драматичен натпревар против Фенербахче (84-82). Џонс беше најдобар на натпреварот со вкупно 27 поени, кај турскиот тим не помогнаа 22-те поени на Полонара.