„Кралевите“ и Зенит ја продолжија битката за ТОП-8 во Евролигата

Шпанскиот кошаркарски гигант Реал Мадрид на домашен терен беше подобар од Олимпијакос (72-63) и ја продолжи битката за едно од најдобрите осум места во Евролигата кои водат во разигрувањето.

„Кралевите“ имаа добри три периоди, а Олимпијакос загуби со донекаде пристојна разлика затоа што го доби последниот квартал. Дек даде 18, Таварес заврши со 17 поени, а кај тимот од Пиреја, солиден меч одигра Везенков со 22 поени.

Во дуел во кој изобилуваа поени Алба Берлин на домашен терен загуби од Валенсија (86-90). Препелиќ беше лидер на поентерската листа со 24 постигнати поени, пред Калиниќ со 17, додека кај бундеслигашот, Ериксон имаше 17 поени.

ЦСКА Москва очекувано го доби натпреварот со Химки (97-72), кој според квалитет беше далеку од најдобрите денови затоа што домаќинот доминираше во текот на целата московска пресметка. Лундберг и Воигтман беа најдобри кај ЦСКА со по 16 поени, а кај Химки, Мики имаше 16 поени.

Убедлива победа забележа и Зенит над Асвел (87-53) и ја продолжи битката за ТОП-8. Барон, Холинс и Гудаитис беа творци на победата. Првите двајца имаа по 15 поени, додека Литванецот реализира 13 поени.

Лидерот Барселона ја прекина победничката серија на Фенербахче во Истанбул (73-82). Каталонците на овој меч беа предводени од Курич со 16 поени, а кај турскиот првак Гудуриќ имаше 19, а ОКвин 17 поени.