Крај на сите надежи за Лејкерси: Њу Орлеанс дефинитивно нема да го испрати Дејвис во ЛА

Ентони Дејвис

Се чини дека сите обиди и надежи дека Ентони Дејвис ќе заврши во екипата на Лос Анџелес Лејкерс паднаа во вода, пишуваат американските медиуми.

Овие дена на големо се зборува дека Њу Орлеанс категорично ја одбива секоја понуда од тимот од „Стејплс Центар“ и дефинитивно нема да ја испрати својата прва ѕведа во една од најуспешните франшизи во НБА лигата.

„Езерџиите“, поточно претседателот Меџик Џонсон и генералниот менаџер Роб Палинка, понудија речиси цел ростер за да ги убедат Пеликанси. Нивниот одговор во текот на преодниот рок беше негативен, а се чини дека ништо нема да се промени и во текот на летото.

Еден од најдобрите центри во лигата има договор со екипата до 2020 година, но поради лошите резултати јавно изрази желба да си замине и да ја промени средината. За него веднаш се заинтересираа двата тима од ЛА, Бостон и Њујорк.

Расплетот се очекува ова лето, но како што јавуваат блиски извори до тимот на Дејвис, тој нема шанси да го облече дресот на Лејкерси.