Крај на една ера: Џејмс ќе биде само гледач на ЛОИ во Лос Анџелес

Легендарниот кошаркар Леброн Џејмс, најдобриот стрелец во историјата на НБА и една од највлијателните фигури во современиот спорт, изјави дека не планира да биде дел од американската репрезентација на Летните олимписки игри што во 2028 година ќе се одржат во Лос Анџелес.

И покрај очекувањата на дел од јавноста дека би можел да се појави уште еднаш во националниот дрес, Џејмс стави точка на шпекулациите. Во гостување во подкастот „Mind the Games“, 40-годишниот член на Лос Анџелес Лејкерс беше директно запрашан дали размислува за настап на домашна олимпијада, но неговиот одговор беше јасен и недвосмислен.

Џејмс посочи дека за него следниот олимписки циклус ќе биде само можност да ја следи репрезентацијата како гледач, а не како активен учесник.  Џејмс првпат се појави на Олимписките игри во Атина во 2004 година, а неговата долгогодишна репрезентативна кариера вклучува бронза и три златни медали.