• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Барселона конечно најдоа начин да му застанат на патот на вечниот ривал Реал Мадрид и во вистинска драма славеа со 105-100 во рамките на 14. коло од АЦБ лигата. Со овој триумф, Каталонците ставија крај на еден навистина тежок и долг црн период во меѓусебните дуели.
Неверојатно, но вистинито, ова беше прва победа на Барселона над Реал по цели 637 дена. Во претходните десет „Ел Класика“, апсолутен доминатор беше мадридскиот клуб, што дополнително ја зголеми важноста и емоционалната тежина на овој успех за тимот од „Блауграна“.
Барселона до победата стигна со одлична тимска игра и неколку поединци кои презедоа одговорност во клучните моменти. Кевин Пантер и Николас Лапровитола беа најефикасни со по 19 поени, при што аргентинскиот плејмејкер додаде и осум асистенции. Значаен придонес имаше и Томаш Саторански, кој натпреварот го заврши со 16 поени, три скока и пет асистенции.
На спротивната страна, Реал најмногу се потпираше на инспирираниот Марио Хезоња, кој одигра фантастичен натпревар со 27 поени и пет скока, но неговиот учинок не беше доволен за нов триумф. Факундо Кампацо додаде 13 поени и пет асистенции, додека двоцифрен учинок имаа и Еди Тавареш и Андреас Фелиз со по 10 поени.
И покрај поразот, Реал Мадрид и натаму е лидер во АЦБ лигата со скор 12-2, додека Барселона со оваа победа направи важен чекор напред и се искачи на четвртото место со биланс 10-4.

