Крај на алармот во ЛА: Дејвис и наредната сезона ќе игра покрај Леброн

Дејвис

Ентони Дејвис нема да си замине од Лос Анџелес Лејкерс, иако ќе ја искористи опцијата да стане слободен агент.

Крилниот центар на новиот НБА првак ќе остане покрај Леброн Џејмс во обид да го повтори успехот од пред неполна недела. Со новиот договор ѕвездата на „езерџиите“ ќе добие 32,7 милиони долари за сезоната 2020/21.

Дејвис беше втор најдобар играч во екипата на патот до титулата оваа сезона. На моменти беше и пред останатите, вклучувајќи го и Леброн, погодувајќи клучни шутеви кои помогнаа да се оствари толку посакуваниот успех.

За него ова е прва НБА титула, која ќе се обиде да ја одбрани во новата сезона. Конкуренцијата се очекува да биде далеку поголема, со оглед на кам-бекот на Стеф Кари и Клеј Томпсон, како и можноста некои од ривалите да се засилат во преодниот рок.