Кожув во „Кале“ лесно ја прокнижи првата радост во мак-баскетот

Гевгелиски Кожув ја прокнижи првата радост во новата сезона од Првата лига и на гостувањето кај Вардар во СРЦ „Кале“ успеа да слави убедливо (64-85).

Досега вардарци ниеднаш не го изненадиле Кожув, а за гевгеличани ова беше деветта победа во деветтата меѓусебна средба. Добро доаѓа овој триумф за избраниците на Александар Јончевски, по тесниот пораз од првакот МЗТ Скопје во првата рунда.

Што се однесува до мечот, поголемиот квалитет на Кожув беше на израз во сите четири периода. По десет минути игра, гостинот имаше позитива од 18-24, за до паузата, предноста да стане двоцифрена (29-43). Во третиот квартал, не им помогна ниту паузата на вардарци, Кожув пак доби убедливо (13-23), што своевидно беше најава за висока победа во „Кале“.

Најдобар кај Кожув беше Томас Зданавичиус со 16 поени, а Караџовски постигна 14 поени, додека кај Вардар, Робев беше најрасположен со 16 поени, додека Темелковски запиша „дабл-дабл“ од 11 поени и 14 скока.

Во следното коло Кожув ќе му биде домаќин на Еуроникел, додека Вардар ќе игра со МЗТ.