Кожув со пеколна игра во последната четвртина го надигра Вардар

Кошаркарите на Кожув извојуваа многу важна победа на гостувањето кај Вардар (78-92) во рамките на 18. коло од Првата македонска лига. Натпреварот во голема мера понуди израмнета игра на двете страни, но гостинскиот тим го зададе клучниот удар во последната четвртина. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Вардар и Кожув:

Првото полувреме беше навистина интересно и долго се играше во егал, а на паузата Кожув имаше минимално водство, 41-42. И третата делница понуди слична слика, но решавачката разлика гевгеличани ја создадоа во последната четвртина, кога заиграа во посилен ритам и сосема заслужено на крајот триумфираа со конечни 78-92. 

Најефикасни во победничкиот тим беа Брендон Пен и Миљан Марковиќ со по 20 постигнати поени, додека кај Вардарци најдобар играч беше Филип Наков со 22 поена. Кожув стигна до четвртиот сезонски триумф, додека Вардар останува на само три победи и ќе води тешка битка за опстанок во елитното друштво.