• Горан Упале
Кошаркарите на Пелистер им се вратија на победите во домашниот шампионат и во возбудлив натпревар од петтото коло на свој терен го совладаа составот на Кожув со 92-87.
- Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Кожув:
„Зелено-белите“ по стартните победи и во домашниот шампионат (три во низа) и во АБА2 лигата, во последниот период влегоа во мини-криза, а тоа беше видливо и на денешната средба против разиграните гости од Гевгелија. Македонскиот вицешампион во овој натпревар влезе со два порази (Гостивар и Џокер), и императив му беше победа, но до таа стигна со многу мака и драматичен финиш.
Избраниците на Петровиќ одиграа одлични три четвртини, во кои континуирано го зголемуваа водството, кое во финишот од третиот квартал достигна и до 13 поени (68-55). Но, во финалните десет минути Пелистер влезе во неочекувани проблеми, а Кожув искусно го казнуваше тоа. Пелистер до последните две минути постигна само седум поени, додека гостите 20, па во финишот Кожув имаше и водство од 77-79. Сепак, последниот удар го зададе домашниот тим, кој преку расположениот Лука Стојановски, кој погоди клучни две тројки, стигна до тешка победа од 92-87.
Американецот Брајан Антоан со 21 и Бобан Стајиќ со 17 поени беа најдобри поединци кај Пелистер, додека за поразениот тим Андреја Стевановиќ постигна 30 поени.