• Горан Упале
Кошаркарите на Пелистер ја впишаа третата победа во низа во домашниот шампионат, откако од Битола со пораз си замина тимот на Кожув. „Зелено-белите“ наидоа на расположен противник, кој пружи вистински отпор, но кога беше најпотребно до израз излезе квалитетот на домашниот тим и тоа донесе убедлива победа од 72-61.
- Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Кожув:
Гостите од Гевгелија мотивирано го отворија натпреварот во салата „Боро Чурлевски“, каде пред само неколку часа од почетокот на овој натпревар, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Петар Атанасијевиќ испиша историја и постигна рекордни 32 гола во мак-ракометот. Кожув играше сигурно во воведните десет минути и му создаде многу проблеми на фаворизираниот противник. Тоа донесе предност од четири поени по првата мала пауза, но потоа Пелистер возврати идентично и неефикасното прво полувреме заврши без предност на ниту една екипа (32-32).
Во третиот квартал Пелистерци конечно влегоа во свој ритам и го презедоа водството, додека во последните десет минути примија само десет поени и така заслужено стигнаа до нова победа во шампионатот (72-61).
Планиниќ со 14 поени и 11 скока и Маслинко со 12 поени се истакнаа кај пелистерци, а за поразениот тим прв поентер беше Слотер со 24 поени. Со скор од осум победи и три порази битолчани се зацврстија на второто место. Следниот викенд во „Боро Чурлевски“ доаѓа Гостивар, еден од трите тима кои сезонава го совладаа Пелистер.