Кожув и без најдобриот играч сигурен со младите „штркови“

Екипата на Кожув продолжи да победува во плеј-аутот и очекувано го освои целосниот плен против МЗТ Скопје Уни Банка (108-86), тим кој е веќе испаднат од македонската кошаркарска елита.

Сигурен триумф на кошаркарите од Гевгелија во дуелот против младиот состав од Аеродром. Иако без помошта на својот најдобар стрелец во плеј-аутот, Тач Унрух, „црвено-белите“ потврдија дека и со она што го имаат моментално на располагање се доволно квалитетни да се одбранат од нападите на младата екипа која ја предводи Бојан Христовски.

Освен првата четвртина во која младите „металци“ имаа предност од 27-21, се друго беше на страна на составот од Гевгелија, кој со 36 реализирани и само 16 примени поени во третиот период стигна до недостижно водство од 85-58.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје Уни Банка и Кожув: 

Оконкво реализира дабл-дабл ефект од 28 поени и 13 скока, Главчев реализира 23, а Дуев уште 21 поен за гостите од Гевгелија, додека на спротивната страна, Андоноски постигна 22, Петровски 17, а Митевски уште 13 поени.