• Горан Упале

Кошаркарите на Кожув со победа ја завршија сезоната во Суперлигата. Во последниот натпревар од плеј-офот совладан беше лидерот ТФТ Скопје со убедливи 91-79. За двете екипи овој дуел немаше никакво значење, ТФТ веќе го обезбеди лидерското место, додека Кожув беше без шанси за полуфинале.
- Koмплетниот натпревар меѓу Кожуви ТФТ Скопје:
Кошаркарите од Гевгелија одиграа брилијантна прва четвртина, можеби најдобрата во плеј-офот и постигнаа 31 поен, што беше доволно за предност од шест поени (31-25). Во втората четвртина лидерот се консолидира и на паркетот во салата „26 април“ се водеше израмнета битка, која што заврши со 24-24 (55-49). Во овој период незапирливи во таборот на тимот од Тафталиџе беа Ташовски со 18 поени и Стојанов со 15, додека за Кожув двоцифрени беа Родни Пурвис со 12 и Бојчев со 10 поени.
По паузата Кожув фати нов залет и одново беше подобриот ривал, додека во последната четвртина рутински го сочува стекнатото водство и на крај заслужено славеше со 91-79.
Бојчев со 16 и Василевски со 15 поени беа најпрецизни кај победничкиот тим, а за ТФТ на ниво беа Ташовски со 24, Стојанов со 19 и Стојановски со 17 поени. Во полуфиналната серија ТФТ ќе се сретне со Маџари, додека МЗТ Скопје за противник ќе го има битолски Пелистер.





