Костоски човек на одлука, Гостивар му го зеде скалпот и на Работнички!

Гостивар забележа голема победа, славеше на гости кај Работнички (79-83) и повторно е меѓу најдобрите екипи во лигата кои ќе разигруваат за титулата. Тренерската смена им годеше на гостиварчани, затоа што Јончевски во претходното коло на дебито славеше над МЗТ Скопје, а сега падна и најтрофејниот македонски клуб.

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Гостивар: 

Дуелот на двата ривали беше крајно изедначен, а се реши во последната минута кога Александар Костоски, еден од најдобрите поединци во составот на гостинот, стапи на сцена и го покажа индивидуалниот квалитет. Работнички и Гостивар имаа мали блесоци во текот на целата средба, прво одлични беа центарци, поради што во еден момент имаа и „плус девет“ (44-35), а Гостивар возврати кога беше најпотребно, на отворањето на четвртиот квартал, кога се направи серија од 0-8 и се избори за „егал-завршница“ (65-65).

Клучниот чекор кон победата гостиварчани го направија на 37 секунди пред крајот, кога Александар Костоски покажа зошто е еден од најдобрите тројкаши и со реализација донесе 76-79. Потоа, Работнички преку Мулалиќ промаши тројка, а Костоски по дефанзивен скок изнуди две слободни фрлања и реализира едно од нив (76-80) на 20 секунди пред крајот. 

Во следниот напад ситуацијата беше иста, затоа што Костоски поради прекршок од Мулалиќ доби две нови слободни фрлања и реализира едно (76-81), па центарци во последниот напад на натпреварот не можеа да направат премногу.

Прв стрелец на мечот беше Јанески со 20 поени, пред Александар Костоски, кој ги даде последните седум поени на Гостивар на мечот и заврши со 19 постигнати поени. Кај Работнички не помогна Младеновски со 19 поени и 9 скока, како и Питс кој застана на 15 поени.

За Гостивар ова беше 12-та победа сезонава и тимот е на третото место. Работнички го доживеа шестиот пораз, прв во последните седум натпревари и е седми. Во последниот меч од лигашкиот дел Гостивар игра со ТФТ (5 мај), додека Работнички следниот дуел го игра на 21 април против Вардар.

Овој пораз значи и дека Работнички скоро и да не може да стигне до првото место пред разигрувањето и дека Пелистер е веројатен број еден пред плеј-офот.