Костоски: Никогаш не е лесно да се победи во Куманово

Овој викенд на програмата е 17. коло од кошаркарската Прва лига на Македонија, кое со себе носи неколку интересни најави. Се чини дека дерби дуел во саботната програма е оној во Куманово, каде се подобриот состав на Куманово 2009 го дочекува Гостивар.

До пред некое коло, гостиварци беа блиску и до првата позиција. Но влегоа во една мини-серија на порази (два во последните три кола), особено тежок, оној на последното гостување во Кавадарци. Па засега се далеку од сигурни дека ќе ја задржат втората. Особено што вечерва, им следува уште едно тешко гостување, она во Куманово.

„Никогаш не е лесно да се победи во Куманово. Но сега ќе играме во еден доста, би рекол,  битно изменет амбиент. Во „помалата сала“, и за жал, без присуство на публика. И тоа би требало да биде нашата шанса, секако со многу подобра игра од она второ полувреме во Кавадарци. Игра која треба да ја заборавиме и која не смееме да ја повториме“, вели организаторот на играта на гостиварчани, Александар Костоски. 

Кумановци пак се на победа зад „квартетот“ кој е на ефект (11-5). Со уште една, против еден од директните конкуренти ќе бидат во ситуација да се надеваат и на нешто повисок пласлман од актуелниот – она шесто место. Последно кое води во Суперлигата, каде се на ред уште десет круга.

„Играме добро, сето тоа изгледа многу подобро како одминува времето. И мислам дека сега имаме реални шанси да се искачиме некоја позиција погоре на табелата. Сепак пред нас е една и тоа како квалитетна игра која има и доста искусни играчи како Тасовски, Костоски, Димчевски. Добри странски кошаркари, добро се пополнети. Тоа само дополнително ни ја отежнува работата во желбите да врземе уште една, четвртта по ред победа. Дополнителен минус е што овој меч се игра без присуство на публика, па ќе мора и дполнително да се потрудиме да го надминеме и тој момент“, вели најискусниот во редовите на Куманово, Марјан Јанески.

Дербито пред празни трибини во Куманово се игра од 18:00 часот.