Кошмарниот кам-бек на Ембид ги „распали“ неговите критичари

Џоел Ембид конечно се врати на паркетот и го одигра првиот меч за Филаделфија 76ерс. Освојувачот на златен медал од Олимписките игри постигна 13 поени во поразот од Њујорк Никс, но она што зачудува е неговиот ужасен процент на шут. 

Иако имаше учинок од 13 поени, пет асистенции и три скока, сепак, Ембид шутираше 2/11 од игра, 1/5 за три поени и загуби две топки, со што одново ги „предизвика“ своите критичари кои не заборавија веднаш да напишат дека неговиот перформанс бил катастрофален. 

Ембид се врати по суспензијата поради нападот на новинарот кој го навреди неговиот починат брат, а познато е дека има конфликт и со други претставници на „седмата сила“, кои често ги критикуваат неговите настапи. 

Високиот кошаркар пред две сезони беше МВП на НБА лигата, но дел од критичарите и ден денеска сметаат дека тој не го заслужил тоа признание и истото му беше доделено само за да не му биде врачено на Србинот Никола Јокиќ.