„Кошарката се игра за навивачи, ако не ја рашириме магијата до нив, тоа ќе биде наш пораз!“

Градоначалникот на Гевгелија, Сашко Поцков, пред стартот на натпреварите во Купот на Македонија на кои Град Гевгелија ќе биде домаќин, истакна дека е горд што градот го добил домаќинството и потенцира дека сите се добредојдени да уживаат во празникот на кошарката.

„Благодарност од мое име и од Гевгелија што сме почестени да се одржи Купот. Знам со сигурност дека ќе биде одлично. Два клуба имаме во Првата лига, единствен град што го има тоа. Верувам дека салата ќе биде исполнета до последното место. Посакувам локално финале Блокотехна - Кожув. Но, пред се, посакувам фер-плеј и добра кошаркарска атмосфера“, изјави Поцков.

Пред медиумите говореше и Владимир Темелковски, спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација. Исто како и Поцков, тој ги покани сите љубители на кошарката да дојдат на натпреварите и фер и коректно да ги поддржат своите миленици.

„Одлучивме Купот да се игра во град кадешто има два клуба од Првата лига и воедно има и одлични услови. Кожув и Блокотехна ги презедоа сите обврски да се организира овој голем настан. Сите кои сакаат кошарка се добредојдени да присуствуваат на овој настан, со ова се мисли и на навивачите. Дека Гевгелија може да организира меч со две навивачки групи, се покажа на мечот со Косово на кој Македонија беше домаќин. Не гледам зошто да не се повтори истото сега. Кошарката се игра за навивачите, не се игра ниту за МКФ, за Градоначалниците, за тренерите, или други. Ако не сме спремни да ја рашириме магијата на кошарката до сите луѓе и до навивачите, тогаш за нас тоа е како пораз“, изјави Темелковски.

Билетите за Куп-мечевите ќе бидат во продажба од утре (вторник). Блок-билет за четирите четвртфинални средби ќе биде 200 денари, двете полуфинални средби ќе чинат 100 денари, додека билет за финалето ќе биде 100 денари. За женските мечеви, влезот ќе биде бесплатен. 

Дуелите на мажите се играат во салата „26 април,“ додека женските мечеви се закажани во „Ноел“ во Негорски Бањи.