Кошаркарските надежи со пораз од Холандија го стартуваа настапот на ЕП

Машката македонска репрезентација до 20 години го отвори Европското првенство (Б дивизија) со пораз од соодветната селекција на Холандија (58-78). 

Нашите надежи одиграа добро прво полувреме и на паузата заминаа со предност (34-31), но во следните две четвртини комплетно потфрлија и на крајот впишаа повеќе од заслужен пораз. 

Имавме проблем со реализацијата на слободните фрлања, а и одбраната не беше на потребното ниво. Противникот се „одлепи“ на недостижни 67-52, по што стана јасно дека поразот е неизбежен. 

Најефикасен во нашиот состав беше Ќириловски со 14 поени, Лукановски постигна еден помалку, а солиден учинок имаше и Стојковиќ (девет поени и десет скокови).