Кошаркарски танц во „Градски парк“: Работнички го демолира вицепрвакот Куманово!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, имаше отворање на новата сезона од Првата лига како што посакуваше. Избраниците на Марин Докузовски одиграа феноменален натпревар и пред својата публика во „Градски парк“ убедливо го поразија македонскиот вицепрвак Куманово (89-52), дуел со кој најавија дека оваа сезона ќе бидат главни кандидати за влез во Суперлигата.

Клуч во играта на домаќинот беше одличната поставеност во зонската одбрана, а исто така, тука беа и екс-кумановецот Мишановиќ кој блескаше, како и Американецот Никола Вигинс, кој одигра феноменален меч и уште со првиот настап во црвено-белиот дрес ја освои публиката. Дополнителен проблем во играта на индиспонираниот гостин беше и лимитираниот Александар Костоски, кој се повреди на самиот старт на мечот и не можеше да му помогне во целост на својот тим.

Натпреварот почна доста неизвесно, а двата тима играа отворена и чиста кошарка, без грешки. На крајот од првиот период на семафорот во „Градски парк“ стоеше 22-20, а главната разлика домаќинот ја направи кога од 29-27 со поените на Вигинс поведе со 31-27, а потоа следеше нова тројка на црномурестиот кошаркар за водство од 34-27. Во наредниот напад Мијатовиќ не успеа да поентира поради добрата игра на Работнички во рекетот, а промашувањето го казни Владо Илиевски, со својате прва тројка на мечот која донесе прво двоцифрено водство за домаќинот (37-27).

Кумановчани, кои имаа лимитирана помош од Костоски кој се повреди на стартот на мечот откако незгодно згазна, делуваа дезориентирано, губеа топки, промашија неколку отворени шутеви, што резултираше со негатива од 12 поени на полувремето (43-31). По паузата Работнички продолжи со добрата зонска одбрана, во петтата минута Работнички се одлепи и на +16 (52-36), а потоа, Куманово промаши два напади, додека „црвено-белите“ реализираа преку Ненад Мишановиќ, кој даде девет последователни поени за серија од 9-0 и водство од 61-38.

На две минути пред крајот на третиот период Ефремовски со својата прва тројка донесе водство и од 64-38, а црната серија без кош, која траеше неколку минути гостинот ја прекина со положување Јанески за 66-40, што беше и резултат на крајот на третиот период. На стартот на последниот период Работнички отвори феноменално, направи серија од 10-0 и поведе со 76-40, со што стави крај на дилемите околу победникот на оваа средба. Потоа, следеше и водство од 40 поени за Работнички (82-42), а до финишот гостинот успеа само да го намали дебаклот.

Најефикасни кај Работнички беа Мишановиќ и Вигинс со по 15 постигнати поени, а ги следеа Николиќ и Мираковски со по 12, како и Чековски со 11 и Владо Илиевски со 10 поени. Во таборот на Куманово, Мијатовиќ постигна 15 поени, а Јаневски додаде уште 11 поени.

Во наредното коло од Првата лига екипата на Работнички гостува кај Струмица, додека Куманово пред домашната публика за високиот пораз ќе се „вади“ против Кожув.