Потврдени четирите испаѓања од Првата лига, женската лига без шампион

Најавите на Gol.mk од минатата недела денес добија потврда. Кошаркарската федерација на Македонија на денешната седница на Управниот одбор одлучи по завршувањето на следната сезона да испаднат четири екипи од Првата лига, па бројот на екипите кои ќе се натпревруваат во најсилниот ранг следната сезона пак да биде - десет. 

Исто така донесена е уште една важна одлука со прекинувањето на женскиот шампионат и неназначувањето на шампион. 

„Согласно прогласената вонредна состојба во државата поради пандемијата на коронавирус, согласно одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус донесена од Владата, а со која беше стопирана секоја спортска активност во спортските сали, како и непредвидливоста на ситуацијата, се одлучува натпреварувачката сезона 2019/20 од Прва лига жени да не се доигра. За натпреварувачката сезона 2019/20 нема да се прогласи прогласи шампион“, се вели во соопштението на федерацијата.

Претходно беше прекинат и шампионатот кај кошаркарите, исто така без назначување на првак.