• Горан Упале
Женската кошаркарска селекција на Македонија забележа уште еден пораз во квалификациите за Европското првенство. На гостувањето во Белград домашната репрезентација на Србија одново беше преголем залак за Македонија и запиша уште еден убедлив триумф во групата Г (105-60), па со овој резултат Србинките и официјално се пласираа на Евробаскетот.
Македонските кошаркарки резултатски се држеа само во воведните пет минути, во кои одржуваа негатива од четири поени, по што Србија влезе во ритам и почна да го полни нашиот кош. Андерсон беше нерешлива енигма за Македонија и со своите десет поени беше најзаслужна за високите 27-17 по првите десет минути. Во тој период наша најдобра кошаркарка беше Митрашиновиќ со осум поени.
Во вториот квартал следуваше нов налет на Србинките. Домашната одбрана најде начин како да ја сопре нашата најдобра кошаркарка (Митрашиновиќ постигна само два поени) и Македонија влезе во дополнителни проблеми и негатива од 20 поени (51-31).
Еднонасочно беше и второто полувреме. Србија не отстапи од својот стил и ритам и продолжи да ја зголемува предноста. Заморот кај нашиот состав беше видлив, особено во последната четвртина во која запишавме само 11 поени и на крај загубивме со убедливи 105-60.
Најпрецизни во таборот на победничкиот тим беа Андерсон и Ногиќ со по 21 поен, додека за Македонија се истакна Митрашиновиќ со 17 поени. Следен наш противник е селекцијата на Украина, а овој натпревар го играме во Рига. По пет одиграни кола Македонија е последна на табелата со пет порази, додека Србија има пет победи.