• Мартин Танасковски
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со пораз од Хрватска (53-91) ги заврши настапите во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во 2027 година.
Подмладениот тим на Ашаданов без неколку искусни првотимки кои заминаа во пензија и без натурализираната Американка Мерит Хемпе не можеше да им парира на ривалките во салата „Лазар Лечиќ“ и со пораз се одјави од првата квалификациска рунда за континенталниот собир.
Дека епилогот на мечот ќе биде во целост во корист на гостинките, беше јасно уште по првите десет минути кога Македонија постигна само шест поени. Хрватките тоа го искористија, заминаа на високи 6-21 и нивното водство константно растеше. Сите четири периоди на мечот завршија во корист на ривалот, што значеше и висок пораз, петти за нашиот национален тим во квалификациите.
Најдобар стрелец на овој меч за Македонија беше Милица Николиќ со 16 поени, пред Илина Селцова со 13 поени, додека Јана Пислевска постигна девет поени. Кај Хрватска, Шавонте Желуз имаше 18 поени, пред Андријана Цвитковиќ со 13 поени, а Оливија Вукоша имаше дабл-дабл од 15 поени и 10 скока.
Македонија ги заврши квалификациите за ЕП 2027 со по два порази од Хрватска и Грција, како и еден пораз од Данска. Единствениот триумф ни беше во Скопје, над Данките во тесен финиш.



