Кошаркарките до 18 години немоќни и против Луксембург

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години загуби од Луксембург (55-91) и го запиша вториот пораз на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија кое се игра во Софија, Бугарија.

Нашиот национален тим имаше колку-толку изедначена прва четвртина со противникот (22-30), меѓутоа откако во вториот квартал не најде решение за нападот на Луксембург, му дозволи на противникот да изгради висока разлика (35-58) која цело време само ја надополнуваше во следниот период од мечот.

Кај Македонија не помогна расположената Михаела Алексовска која даде 22 поени и беше единствена со двоцифрен учинок, пред Евгенија Танаскоска со девет поени, додека кај Луксембург најдобра беше Фејт Ехи Етуте со 32 поени и 18 скока. Оваа кошаркарка има 16 години и е висока 1,80 сантиметри, па правеше главен проблем под обрачите во скок-играта.

Следниот натпревар за Македонија на ЕП Б-дивизија во Софија е утре, кога на 1 август се среќаваме со Велика Британија (17:15 часот).