Кошаркарките со пораз од 54 разлика се враќаат од Грција

Женската кошаркарска селекција на Македонија забележа уште еден убедлив пораз во првата фаза од квалификациите за следниот Евробаскет. На гостувањето кај Грција македонските кошаркарки загубија со убедливи 101-47 и го впишаа четвртиот пораз во групата А. 

Нашите кошаркарки катастрофално го започнаа натпреварот во Солун. Во нападот беа безидејни, додека во обраната спори и не толку агресивни. Грција искусно го искористи тоа и немилосрдно го полнеше нашиот кош. Во првите десет минути Македонија прими дури 29 поени, а постигна само скромни седум. Авторки на поените за нашата селекција беа Селцова (3), а по два реализираа Николов и Трајковска. 

Во втората четвртина се играше поизрамнето. Македонија конечно се ослободи од притисокот и водена од Александра Стојановска (седум поени) му парираше на фаворизираниот домаќин. Но, тоа не беше доволно за намалување на негативата и Грција на полувреме замина со предност од 49-22.

Македонските кошаркарки потфрлија и во третата четвртина, реализираа само пет поени и дозволија домашната селекција да замине на огромни 50 поени разлика (77-27). Ситуацијата не беше поразлична ниту во последните десет минути – Грција продолжи во ист ритам и заслужено триумфираше со високи 54 поени разлика. 

Најпрецизна кај нашата селекција беше Хампе со 21 поен, а Стојановска имаше седум. За Грција по 18 имаа Фасоула и Кримили.