Кошаркарите против два познаника тргнуваат кон СП 2023!

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги доби противниците во претквалификациите за Светското првенство (СП) кое во 2023 година ќе се игра во Индонезија, Јапонија и Филипини.

Нашиот национален тим ќе игра во втората претквалификациска фаза, а на ждрепката се најде во првиот сад, меѓу носителите. Среќата посака кошаркарите да се најдат во групата „Ф“, заедно со репрезентациите на Швајцарија и Словачка.

И двете селекции се познанички на нашата земја, затоа што против овие ривали кошаркарите играа во претквалификациските фази за ЕП 2021. Македонија двапати ја совлада Словачка, додека Швајцарија падна во Скопје, а ни удри шлаканица во последниот меч на гостински терен.

  • ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ, СП 2023:

ГРУПА Ц: Шведска, Португалија, Австрија
ГРУПА Д: Летонија, Романија, Белорусија
ГРУПА Е: Црна Гора, Исланд, Данска 
ГРУПА Ф: Македонија, Словачка, Швајцарија 

Согласно со системот за натпреварување, првопласираните две селекции од секоја од четирите групи ќе обезбеди пласман во следниот циклус од натпреварите. Вториот круг од претквалификациите ќе се игра во периодот од 11 до 28 август.